Нгози Окоњо-Ивеала денеска официјална ја презеде должноста генерална директорка на Светска трговска организација (СТО).

Окоњо-Ивеала е прва Африканка и прва жена на чело на СТО.

– Доаѓам во една од најважните институции во светот и имаме многу работа. Подготвена сум за тоа, изјави Окоњо-Ивеала.

Таа е економистка и експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус, со искуство собрано во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.

Окоњо-Ивеала помина 25 години како економист за развој во Светска банка, при што таа брзо се искачи по скалилата и стана извршен директор за операции.

Таа беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза), генерирајќи повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Окоњо-Ивеала двапати беше министерка за финансии на Нигерија (2003-2006 и 2011-2015) и кратко работеше како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа беше првата жена во Нигерија која била на двете позиции.

Како министерка за финансии, Оконњо-Ивеала спроведе сеопфатна програма за економски реформи што ја стабилизира макро-економијата на најнаселената африканска земја, тројно ја зголеми стапката на економски раст и поттикна поголема фискална транспарентност за борба против корупцијата.

Нигеријците ја сметаат Окоњо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја. Таа се стекна со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976), дипломирајќи со високи почести (Magna Cum Laude) , докторат одбрани на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) и има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.

Окоњо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија.

Транспаренси Интернешнл ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година, додека списанието „Fortune“ ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година.

Окоњо-Ивеала (66) е омажена, има четири деца и има три внуци.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2021 20:55