Нема човек кој е задоволен од оваа Влада и затоа сите граѓани со мачнина го гледаат ова денешно препелкање на Заев во Собранието. Јас ќе речам, бидете спокојни. Најдоброто за нашата земја допрва доаѓа, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот Фејсбук.

– Заев е мафијаш, тоа е дел од неговиот карактер. Тоа што на мала врата на сила протуркува во Собрание гласање за недоверба на Владата, ограничувајќи ја јавната дебата никако не е израз на неговата сила, туку е доказ за неговата огромна слабост, но и недоверба во мнозинството кое многу лесно ќе го загуби, напиша Мицкоски.

Според него Заев ја користи неговата состојба, бидејќи е во изолација поради заразата со ковид вирусот, но тоа, како што вели, не го спасува од паѓање на Владата.

– Вака ќе купи уште некој ден живот на Владата приклучена на апарати за дишење, но исто како и мојата ковид зараза тие денови ќе поминат. А тогаш повторно ќе се постави прашањето за доверба на Владата, при што сите негови актуелни закани, уценувања и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода, и ден потоа Заев нема да биде премиер. Се гледаме наскоро!, порача Мицкоски.

Собранието попладнево и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратенциите усно го побара премиерот Зоран Заев. За доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.Опозицијата не присуствуваше на гласањето.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2021 01:09