Унгарија планира да ја прошири употребата на вакцината на „АстраЗенека“ против коронавирусот и врз луѓе постари од 60 години, откако во Европа се појавија податоци кои ја покажаа нејзината ефикасност и врз оваа возрасна група, изјави денеска главниот унгарски хирург Сесилија Милер.

Пред една недела, Унгарија стана првата земја членка на Европската унија која почна да ги вакцинира своите граѓани со кинеската вакцина „Синофарм“, по вакцинирањето со руската вакцина „Спутник V“, иако ниту првата, ниту втората, не се одобрени од ЕУ, јавија британските медиуми.

Со цел што е можно побрзо повеќе луѓе да ја примат барем првата доза на вакцината унгарската Влада го продолжи времето меѓу приемот на првата и втората доза на вакцината „Фајзер„/„БиоНТек“. Владата, исто така, на 12 недели го зголеми и временскиот рок за давање на втората доза на „АстраЗенека“.

Засега не е јасно кога Унгарија ќе ја спроведе промената.

Претстојниов викенд „АстраЗенека“ ќе им биде дадена на граѓани на возраст меѓу 18 и 60 години, кои имаат хронични заболувања.

Во Унгарија до денеска една доза од вакцините примиле само 758.000 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2021 01:55