Народната банка продолжува со развојот на статистиката на финансиските сметки, согласно со заложбите за усогласување со највисоките меѓународни и статистички стандарди на Европската Унија.
Од централната банка денеска посочија дека твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“ придонесува за збогатување на сетот податоци со коишто располагаат и коишто за првпат беа објавени кон крајот на минатата година.
Во рамки на проектот, како што информира Народната банка, денеска е одржана презентација на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на која се презентирани најновите достигнувања на Народната банка во сферата на статистиката.
– Морам да истакнам дека големо значење за натамошниот развој на статистиката на финансиските сметки има пренесувањето на ИТ-решението за составување на овие податоци од Хрватската народна банка, којашто е една од нашите твининг-партнерки. Ова е значајна придобивка од проектот финансиран од Европската Унија, што во Народната банка ќе придонесе за брз, ефикасен и систематичен процес на подготовка на податоците и нивна трансмисија до европските институции, истакнала директорката на Дирекцијата за статистика, Султанија Бојчева-Терзијан.
Во текот на дискусијата било посочено дека новите и збогатени податоци не само што ќе овозможат донесување на подобри одлуки засновани на докази за повеќе области, туку ќе бидат значајни и за академските истражувања.
– Тоа уште еднаш потврдува дека придобивките од твининг-проектот финансиран од Европската Унија носи придобивки за севкупната економија, а со тоа и за сите граѓани, велат од Народната банка.
Твининг-проектот е во завршна фаза. Во него, покрај на статистиката на финансиските сметки, посебни проектни компоненти им се посветени на платежните услуги и системи, активностите во сферата на регулативата и супервизијата на банките и во сферата на истражувањето.