На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, кои со својата активност ги покрива дебарското одделение за внатрешни работи, од почетокот на пандемијата, во просек дневно издавани се по четири платни налози за неносење заштитна маска.

– Од почетокот на пандемијата до денес на подрачјето на ОВР Дебар за непочитување на мерката за носење лична заштита на лицето, издадени се вкупно 1.370 налози по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19, изјави за МИА Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Гледано одделно, во 2020 година се издадени 1.216 платни налози, во периодот јануари – февруари годинава 126 и во изминатите денови од овој месец 28 платни налози.

-Во текот на 2020 година, полициските службеници од ОВР Дебар, самостојно но и во соработка со Државниот пазарен инспекторат, извршиле 151 контрола во 1011 угостителски и други објекти. Само во првите два месеца од оваа, 2021 година, извршени се 45 контроли во вкупно 660 објекти, информира Димоски.

Додава дека во истиот период од страна на ОВР – Дебар до Основното јавно обвинителство се поднесени четириесеттина кривични пријави за сторени исто толку кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“.

– Апелирам до граѓаните строго да ги почитуваат мерките предвидени за заштита од Ковид -19, држење дистанца, носење лична заштита на лицето и без поголеми групирања заради спречување на ширење на заразната болест Ковид-19, апелира портпаролот Димоски.

Во двете општини, моментната епидемиолошка состојба се оценува како стабилна. Од 20 февруари до вчера регистрирани се 13 новозаразени и 30 оздравени. Вкупната бројка на заразени е 798, починале 35 додека активни на болеста се 21 лице.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2021 14:59