Две лица се повредени, од кои едното потешко, а второто полесно, откако вчера попладне возило се превртело на автопатот Скопје – Велес, пред наплатната рампа кај Сопот, информира за МИА портпаролот на СВР – Велес, Верољуб Додевски.

Тој додаде дека увид на местото на сообраќајната несреќа направила екипа на МВР од Скопје, која патролира на тој дел од автопатот.

Како што информира портпаролката на велешката Општа болница, д-р Елеонора Јованова вчера околу 17 часот на Одделот за хирургија бил донесен маж на 82-годишна возраст повреден во сообраќајната несреќа.

– Направени се сите потребни иследувања при што е констатирана скршеница на лумбален прешлен, а поради сериозноста на повредата препратен е на Клиника за трауматологија – Скопје, информира Јованова.

По еден час во велешката Општа болница било донесено уште едно лице со полесни телесни повреди, кое било задржано на 24-часовна опсервација.

Од велешката Итна медицинска помош велат дека тие не биле повикани на помош бидејќи тој дел од автопатот е во ингеренции на ИМП од Скопје, а која била повикана на местото на несреќата.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2021 20:17