Прилепската компанија „Микросам“ слави 30 години постоење. Како мала компанија е основана во 1990 година, достигна до глобален лидер за производство на роботски и ЦНЦ машини за композитни материјали. Досега има инсталирано над 280 производни линии во повеќе од 43 земји во светот, како Германија, САД, Русија, Јапонија, Кина, Индија, Израел и Кореа.

-„Микросам“ започна со само пет вработени и порасна до 190 вработени, инвестирајќи во континуирана обука и динамична, напредна средина со нови проекти и достигнувања. Во 1999 година го промовираше првиот македонски робот вграден во машина за производство на композитни материјали за ракетната и авиоиндустријата. Веднаш потоа роботот се најде на најголемиот индустриски саем во Хановер – Германија. Ваквото достигнување беше наградено со повеќе признанија и награди како „11 Октомври“, „3 Ноември“, Гран при на изложбата на иновации „Макинова“ и многу други, велат од компанијата.

„Микросам“, додаваат, по 13 години светска препознатливост, ги постави темелите на официјалното седиште во Прилеп со огромни хали со врвна технологија и простор за производство и административна зграда. Имплементира обуки за програмери, машински и електро инженери и има Клуб за талентирани средношколци, приватната научна установа – „Институт за современи композити и роботика“ кој е единствен институт со лабораторија од ваков тип во Југоисточна Европа,…

Произведува напредна опрема за развој на делови за авиони направени од термопластични композити, а заедно со НАСА и „Џенерал атомикс“ од САД и делови за вселената.

Своето 30-годишно постоење оваа година го одбележува со изложба во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. На изложбата, што ќе трае од 5 до 25 март, ќе може да се видат примероци и материјали кои се плод на досегашната работа на „Микросам“, како и специјално дизајнирани календари, постери од машини, награди и признанија, слики и видеа од 30-годишното постоење на компанијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2021 10:57