Нетфликс досега „нудеше“, односно дозволуваше можност – повеќе претплатници да гледаат различна содржина истовремено, за луѓе во исти домаќинства.

Сепак, злоупотребата на оваа опција е толку голема што компанијата, се чини, сериозно размислува да го спречи споделувањето лозинки. И пред извесно време, еден од основачите – Рид Хејстингс изјави дека ова споделување на лозинки е „нешто со кое тие ќе мораат да живеат“, бидејќи е невозможно да се знае кој ја споделува лозинката со кого…

Но, истражувачката компанија „Магид“ спроведе испитување, во коешто се вели дека околу една третина од корисниците на Нетфликс ги споделуваат своите лозинки со други луѓе, од туѓи домаќинства. Така, се чини дека во последно време, раководните лица на стрим-платформата сè повеќе претежнуваат кон тоа дека не сакаат веќе „да живеат со тоа“ доколку не мора.

Така, некои корисници веќе добија порака дека „ако не живеат во истото домаќинство со сопственикот на сметката, тие треба да имаат своја сметка за гледање филмови”. И на некои сопственици им беше испратена слична порака – со код што треба да го внесат доколку сакаат да продолжат да ги гледаат Нетфликс содржините.

На новинарско прашање, Нетфликс соопшти дека во тек е тест околу тоа – дали сметките се користат правилно? Сепак, сè уште нема информации дали оваа проверка ќе биде продолжена, дали оние што не живеат во исто домаќинство со сопствениците ќе сносат последици, како и какви можат да бидат тие последици? Се чини, многу е можно наскоро да има построги мерки и забрани околу тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2021 13:49