Во изминатите две деноноќија затворени се пет правни субјекти, три во Скопје, од кои една игротека во која беше затечена роденденска прослава и два угостителски објекти каде беше затечена состојба спротивно од Законот за заштита на населението од заразни болести. Во истите беа затекнати голем број на гости кои не седеа по четворица на маса, послужување на пијалаци на шанк, играње и групирање спротивно на Одлуката, изјави за МИА Александра Котели од Државниот пазарен инспекторат.

Таа додаде дека е затворен еден објект во Тетово каде со асистенција со припадници на МВР била прекината свадбена прослава на која биле затечени 50 гости, како и уште два субјекти кои се нерегистрирани во Скопје и кај истите е затечено прекршување како и на Законот за заштита на населението од заразни болести, протоколите така и Законот за вршење на нерегистрирана дејност.

– Во едниот од нив е затечена музика со бенд, а кај другиот зголемен број на гости. Кај сите субјекти е постапено на начин што истите се затворени привремено и издадени се прекршочни платни налози. Постапките се во тек, додаде Котели.

Таа појасни дека се извршени повеќе контроли на ниво на територијата на целата држава, при што се извршени шест постапувања поради прекршување на Одлуката на Владата на РСМ со сите измени од Јануари 2021 год, како и Законот за заштита на населението од заразни болести.

Преходно медиумите објавија дека дел од затворените објекти се стриптиз бар во селото Крушопек, угостителски објект во ТЦ „Мавровка“, како и локалите „Интермецо“ и „Три кичен“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2021 13:00