Шефот на американскиот Национален институт за алергии и инфективни болести, Ентони Фаучи изрази денеска надеж дека поранешниот претседател Доналд Трамп ќе ги повика своите приврзаници да се вакцинираат против Ковид-19, нагласувајќи дека воведените ограничувања поради пандемијата не треба да се укинат пред време.

Во анкетата објавена минатата недела, околу половина американски мажи кои се идентификувале како републиканци, изјавиле дека не планираат да примат вакцина против коронавирусот.

– Тоа што толку голем дел на одредена група луѓе не сакаат да се вакцинираат само од политички причини, нема апсолутно никаква смисла, истакна Фаучи.

Тој наброи некои од болестите кои исчезнале со вакцинација, како што се малите сипаници.

– Во што е проблемот? Ова е вакцина која ќе спаси милиони луѓе, нагласи Фаучи.

Поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ Буш, Бил Клинтон и Џими Картер со нивните сопруги ги повикаа граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19, како дел од кампањата чија цел е да се надмине неподготвеноста на граѓаните да се имунизираат.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2021 22:55