Нов учебник од областа на ортопедската хирургија, насловен „Основи на коскената трансплантација“ е објавен во издание на Издавачкиот центар „ТРИ“.

Книгата се базира врз долгогодишното клиничко искуство на специјалистите Ненад Атанасов, Јасминка Нанчева, Виктор Камнар и Милена Богојевска Доксевска, кои ја споделуваат својата експертиза во областа со цел да ја збогатат домашната продукција на научни дела, конкретно на медицината и општите принципи на коскената трансплантација. Овој медицински учебник е неопходно четиво за сите генерации лекари на специјализација и специјалисти и нуди едукација и усовршување на практичното знаење.

Книгата „Основи на коскената трансплантација“ отвора многу дилеми во поглед на потенцијалните решенија на проблемите со кои секојдневно се среќаваат лекарите во својата практика, но често нуди и практични одговори, кои се резултат на сублимираното знаење и повеќедецениското клиничко искуство на авторите. Книгата содржи модерен концепт на презентирање на текстот, со прегледно класифицирање на содржината, користење на богата научна литература и осврт на медико-легалните аспекти на коскената трансплантација и функционирање на коскената банка. Оттаму, со целата своја компетенција, може да послужи како учебник за едукација на студенти по медицина, специјализанти и специјалисти ортопеди, трауматолози и лекари од други специјалности.

Во книгата за првпат на едно место се опфатени сите материјали што можат да се користат во третманот на коскените дефекти, соопштија од Издавачкиот центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/03/2021 11:54