Основното јавно обвинителство Тетово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од селото Долна Лешница за кое постои сомневање дека сторило кривично дело „Фалсификување пари“.

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека на 12 март, при претрес во домот на осомничениот 44-годишник биле пронајдени фалсификувани 12.885 евра, 250 швајцарски франци и 40 кувајтски динари. Лажните банкноти во различни апоени, се наведува во соопштението, осомничениот имал намера да ги пушти во оптек како вистински.

– Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд Тетово достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство, можност да ја попречува истрагата и да го повтори делото. Судијата го прифати предлогот на обвинителот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, стои во соопштението.​​



Автор: Администратор
Објавено на: 17/03/2021 12:16