Пад на вработеноста за 2,7 отсто, а на БДП за 4,5 проценти, како и зголемена нееднаквост меѓу доходовните групи, се последиците од КОВИД кризата во 2020 година, покажува последниот извештај на Здружението на истражување и анализи (ЗМАИ) што беше презентиран денеска на панел дискусијата „Нееднаквост во време на корона“.
Предвидувањата на експертите се дека економијата годинава ќе се движи во позитивна насока, но растот на БДП каков што беше пред кризата ќе биде постигнат во 2022-ра со подобри јавни политики и поголемо соодветно трошење, односно спроведување на капиталните инвестиции.
Според експертите, мерките кои беа насочени кон зачувување на работните места дадода ефект.
Извештајот покажува и дека државната помош е е поделена сразмерно, зависно од големината на компаниите, иако тие покажуваат различна добивка зависно од регионот во кој се наоѓаат и тука има значителни разлики. Текстилната индустрија добила најголема поддршка, околу 11 отсто од вкупно проектираните средства, а ефективната поддршка е најголема кај продажбата на мало и големо.
-Падот на БДП во 2020 година е 4,5 проценти. Овој пад можеше да биде и полош ако во третиот и четвртиот квартал не беше драстично подбрена и зголемена јавната потрошувачка. Имајќи предвид дека јавната потрошувачка беше единствена што имаше раст лан, сите останати фактори кои го детерминираат БДП забележа значителен пад. Пад на вработеноста изнесува 2,7 отсто и е помал од падот на БДП што значи дека дел од мерките кои беа насочени кон зачувување на работните места дадода ефект, односно ги намалија последиците од кризата, рече Виктор Митевски, еден од основачите на ЗМАИ.
Според него, индексот кој ја мери нееднаквоста во првите два квартала од 2020 година забележал раст од 3,5 процентни поени.
-Нашите предвидувања се дека економијата ќе се движи во позитивна насока во 2021 година, но растот на БДП пред кризата ќе биде постигнат во 2022 година со подобри јавни политики и поголемо соодветно трошење, однсосно спроведување на капиталните инвестиции овие состојби може да се подобрат. Секако, мора да ги имаме предвид и надворешните фактори кои многу влијаат на намалување на работата и ликвидноста посебно на извозно ориентираните компании, истакна Митевски.
Сепак, и поголемите доходовни групи имаат значајно намалување на приходите.
-Од тука можеме да заклучиме дека компаниите не биле желни да исплаќаат дополнителни награди или бонуси. Јазот е зголемен зашто се изгубија голем број работни места. Голем дел од трудоинтензивните компании се извозно ориентирани, а побарувачклата на странските фирми е намалена, истакна Митевски, дополнувајќи дека по целосните анализи за сите квартали од 2020 година ќе може да се каже колкав точно бил јазот меѓу доходовните групи.
Четвртиот сет мерки има значително влијание врз структурата на помошта кај компаниите, па се претпоставува дека ќе има некакво влијание и врз распределбата на доходот.
-Оттука, ја нагласуваме потребата од поголема соработка и споделување информации меѓу државните информации, потенцира Митевски според кој, воведувањето прогресивен данок можеби е една од политиките што може да го намали јазот, но даночна реформа без други реформи, рече, може и да ја влоши позицијата во која се наоѓаме.
Министерот за економија, Крешник Бектеши ја оцени како одлична анализата и рече дека ќе биде патоказ за креирање на политиките и за тоа како треба институциите да соработуваат со граѓанскиот сектор.