Во текот на минатата година, се реализирани 99 проценти од планираните капитални инвестиции за спроведување на Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП кој го спроведува Министерството за финансии.

Присуствувајќи на почетокот на изградба на градски пазар во Делчево, премиерот Зоран Заев денеска информираше дека во 2021 година, преку овој проект ќе се реализираат капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари.

-Во рамки на годинешниот буџет, предвидено е да започне реализација на повеќе проекти, меѓу кои и оној за подобрување на енергетската ефикасност во државата. Со Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, 25 милиони евра ќе се доделуваат на општините и на јавните здравствени установи за инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради, рече Заев.

Премиерот додаде дека преку Проектот за локални патишта, седумдесет милиони евра се наменети да се распределат на сите 80 општини за изградба и санација на локални патишта и улици, како и на друга патна инфраструктура во единиците на локалната самоуправа.

-Со оваа директна помош од 500.000 евра до 2 милиони евра по општина се дејствува кон подобрување на локалната инфраструктура во општините, додаде Заев.

Владата како што додаде ќе продолжи да поддржува трајни добра како изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција и изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи, се во насока на подобрување на животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2021 14:05