Постои навистина широк спектар на можности соработката помеѓу Република Македонија и Република Франција, преку Француската развојна агенција, во годините кои следат, се повеќе да се развива, а пред се во интерес на создавање на подобри услови за живот на граѓаните, но и исполнувањето на критериумите за членството на земјата во ЕУ.
Тоа го оценија денеска на средба во Владата вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер и делегација на Француската агенција за развој, предводена од регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
На средбата присуствуваа државни секретари и административни службеници од девет министерства.
– Владата на Република Македонија е посветена на реализација на проекти со кои ќе се подобруваат условите за живот на граѓаните на Република Македонија, а со кои воедно ќе се трасира патот кон целосна интеграција на земјата во Европската Унија, рече Битиќи, истакнувајќи дека влегувањето на Француската агенција за развој во Македонија е еден чекор напред кон продлабочување на соработката помеѓу двете пријателски земји.
Амбасадорот Бомгартнер и регионалниот директор Отберг ја претставија мисијата на Француската агенција за развој и истакнаа дека станува збор за тело кое остварува меѓународни проекти кои се во согласност со политиките на Владата на Република Франција, кое е воспоставено пред повеќе од 80 години и има активности во над 100 земји во светот. Воедно, додадоа тие, со отворањето на регионалната канцеларија за Западен Балкан на агенцијата, пред околу една и пол година, Франција ја покажа својата силна намера да им помогне на земјите од регионот во подобрување на условите за живот и евроинтеграциските процеси, притоа почитувајќи ги одредбите од Парискиот договор.
Вицепремиерот Битиќи и претставниците на министерствата, пак, ги презентираа тековните и идните планирани проекти од инфраструктурата и социјалното домување, поддршка на младите и заштита на културното наследство, унапредување на правосудниот систем, рамномерниот регионален развој, земјоделството, здравството, заштитата на животна средина, енергетика и енергетска ефикасност и поддршка на претпријатијата.