На 37-та средба на Генералното собрание на Унијата на патни транспортни асоцијации од Црноморскиот регион BSEC-URTA, во Истанбул, за нов претседател на Асоцијацијата е избран Едуард Каза, а за заменик претседател е избрана Оливера Миовска од АМЕРИТ.
Со ова, како што информираат од Стопанската интересна заедница Македонија сообраќај, АМЕРИТ директно учествува во раководството на BSEC-URTA и донесување на одлуки од интерес за транспортниот сектор.
СИЗ Македонија Сообраќај АМЕРИТ е полноправен член на СBSEC-URTA, во која учествуваат и земјите од регионот и активно учествува во сите нејзини активности, застапувајќи ги интересите на македонските патни оператори.
Унијата, се вели во соопштението од АМЕРИТ, дава посебен акцент на дијалог и соработка со сите владини и невладини институции надлежни за транспорт на глобално ниво и има голема улога во координирање на напорите и влијанието на своите Здруженија-членки за промовирање и зачувување на нивните заеднички секторски интереси во регионот на БСЕЦ и пошироко на меѓународно ниво.
Лефтер Андонов, управител на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, вели дека претставува чест што после долгогодишно членство, наш претставник е избран во раководството на BSEC-URTA.
– Ја поздравувам и одлуката за приклучување на Македонија кон BSEC, што отвара нова можност за македонските транспортери, бидејќи целта е да станеме и дел од системот на дозволи (BSEC Permit System) што ги разменуваат земјите членки. Со ова дополнително ќе се зголеми квотата на дозволите, кои за нас, како земја што се уште не сме дел од ЕУ се секогаш и повеќе од потребни, вели Андонов.
Со цел зголемување на регионалната соработка и признавајќи ја важноста од членството во Организацијата за црноморска економска соработка – BSEC, на 9 ноември 2020 година, Република Северна Македонија стана 13-та членка на оваа организација, во која членуваат и Албанија, Азербејџан, Бугарија, Грција, Грузија, Ерменија, Молдавија, Романија, Русија, Србија, Турција и Украина. Придобивките од членството во оваа организација, се вели во соопштението од АМЕРИТ, се големи и се отвараат нови можности за соработка во полињата на трговијата, економскиот тразвој, комуникациите, транспортот и агро индустријата.