Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар до надлежниот Суд поднесе обвинителен акт против 32-годишен гостиварец, кој се товари за кривично дело „насилство“ предвидено во член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на ОЈО Гостивар.
Обвинетиот, како што информираат од гостиварското Обвинителство, на 21.09.2020 година, тешко телесно повредил едно лице во селото Дебреше, вршејќи грубо насилство, а притоа предизвикал и чувство на несигурност, загрозување и страв кај други лица.
– Оштетениот и обвинетиот заедно со други лица играле фудбал на стадионот во селото, па при играта обвинетиот физички го удрил оштетениот во пределот на устата, по што настанала мешаница. Оштетениот заминал кон неговиот автомобил паркиран на паркингот пред училиштето. Во тој момент, обвинетиот му го пресекол патот и со железо го удрил во пределот на челото и оштетениот паднал во бесознание. Две други лица го ставиле оштетениот во возило со намера да го пренесат во болница, па обвинетиот фрлил три бекатонски плочки кон автомобилот, кршејќи ја предната шофершајбна и задното ветробранско стакло. Сепак, тие успеале со возилото да заминат од местото и настанот да го пријават во полиција. Оштетениот го пренеле во медицинскиот центар во Гостивар, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Целиот настан предизвикал вознемиреност и страв и кај други граѓани, кои биле присутни на местото, соопштија од ОЈО Гостивар.