Израел нема да соработува со Меѓународниот кривичен суд (МКС) во рамки на истрагата за наводни воени злосторства на палестинските територии, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Израел одлучи да не соработува со МКС", се вели во текстот, додавајќи дека МКС нема легитимитет да започне истрага против Израел.

Обвинителката од МКС Фату Бенсуда започна истрага за наводни воени злосторства на палестинските територии на почетокот на март, по што Израел ја отфрли иницијативата и Палестинците ја поздравија.

Израел не е член на МКС, а палестинските власти се. Според системот на МКС, една држава може, ако сака, да се обиде да докаже дека сама покренала истрага за кривично дело и со тоа да побара од МКС да и ја предаде истрагата.

На 19 март, судот им даде на Израел и Палестинците еден месец да побараат одложување на истрагата.

Според изјавата, „Премиерот Нетанјаху рече дека додека израелски војници се борат против терористите, кои вршат воени злосторства, судот во Хаг одлучи да го осуди Израел". Во соопштението се додава дека за одредување на оваа реакција Нетанјаху се консултирал со високи безбедносни и политички функционери.

Истрагата би требало да се занимава со големата израелска офанзива во Појасот Газа, контролиран од палестинското исламистичко движење Хамас. Целта на офанзивата, според Израел, била да се запрат палестинските ракетни напади и да се уништат тунелите од палестинската енклава, која е под блокада на Израел од 2006 година.

Во војната досега загинаа околу 2.250 Палестинци, претежно цивили, а од израелска страна 74, претежно војници.

МКС е единствениот постојан трибунал за воени злосторства во светот основан во 2002 година за судење на најлошите злосторства во светот кога локалните судови не сакаат или не можат да постапат.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 10:40