Во периодот на забраната за движење тетовската полиција открива претежно млади лица кои не го почитуваат популарно наречениот полициски час. Така било и ноќеска во периодот од 20 часот до 5 часот утринава.

-Околу 20 часот и 20 минути, во тетовски Пирок, полициски службеници на СВР Тетово лишиле од слобода 23-годишен жител од ова село, а околу 22 часот, во тетовско Боговиње лишен од слобода е 18-годишен. Двајцата се задржани во полициска станица и против нив ќе биде поденесена кривична за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија согласно член 206 од Кривичниот законик, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Претходна ноќ исто така млади на лица на 27 и 28 години од Голема Речица биле откриени како се превезувале во патничко моторно возило „фолксфаген голф 3" и ја прекршиле забраната за движење, односно полицискиот час.

-СВР Тетово практична имплементација на владините одлуки ја спроведува со комбинирани средства и методи на целото подрачје кое е мошне големо и пространо. Засега нема технички и организациски проблеми, секојдневно покривањето се врши пунктовски или со полициски мото патроли. СВР Тетово уште еднаш апелира до граѓаните доследно и без исклучоци да ги почитуваат овие одлуки чија примарна цел е спречување на ширење на коронавирусот, вели Јосифоски.

Полицијата изрекла и 79 казни за неносење заштитни маски во изминатото деноноќие на тетовското подрачје.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 12:50