Следната недела се очекува да почне втората фаза од тендерот за избор на изведувач на работите на првите две делници од пругата кон Бугарија, по што на крајот на јуни или почетокот на јули би се направил изборот, за работите да стартуваат во август. Се очекува одобрување на евалуацискиот извештај од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), по што ќе следат активностите за втората фаза со селектираните компании од претквалификацијата.

Денот на Македонската железница – 9 Април, раководството на МЖ Инфаструктура го одбележува со активности за ветените инвестиции на источното железничко крило на Коридорот 8 за пругата кон Бугарија, планови за модернизација на постојната инфаструктура, но и во услови на финансиски, како и проблеми со обезбедување кадар.

– Претставник на раководство сум кое сигурно ќе ја реализира пругата заради ангажманот на екипата што ја водам и нивната посветеност, како и поддршката од врвот на извршната власт и сите владините институции, како и од ЕУ и Канцеларијата на ЕК во Скопје, изјави директорот на МЖ Инфраструктура Хари Локвенец.

Пругата до Бугарија од Куманово до границата е со должина од 89 километри, и е поделена во три делници. Првата е од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и проценета вредност од 40 милиони евра, втората од Бељаковце до Крива Паланка со должина од 34 километри и вредност од 140 милиони евра, а третата од Крива Паланка до границата со Бугарија од 24 километри и проценета вредност од 405 милиони евра. Во тек е тендерската постапка за избор на фирма за првите две делници, по што се очекува да продолжат прекинатите работи на терен на првата делница каде се реализирани 54 проценти, како и да стартуваат активностите за втората.

– Во моментов на 700 километри пруги со кои располага МЖ имаме 180 мостови, а само на овие 89 километри се предвидени нови 100 мостови и 40 тунели. Од тие на последните 24 километри се предвидени 50 мостови и 24 тунели. Тоа само по себе покажува за некаква споредба на секој километар би имало по два моста и по еден тунел, што ја покажува тежината на теренот и вредноста на захтевноста на изведбата што треба да се реализира, рече Локвенец.

Првите две фази од Куманово преку Бељаковце до Крива Паланка се финансирани од ЕБОР, од каде, како што истакна, има огромна поддршка во изминатите неколку месеци. За последната делница финансирањето е од ЕБОР и ЕИБ. Сето ова обезбедување средства е предвидено да биде преку кредитирање, но обебзедени се и грантови. За втората фаза во 2017 на самитот во Трст се обезбедени 68 милиони евра инвестициски грант, во 2016 година преку ИПА 2 програмата за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија се добиени 60 милиони евра. На 26 февруари аплициравме успешно досега преку Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан за досега рекордни од страна на нашата држава 182 милиони евра европски инвестициски грант за кој очекувам дека со овој прогрес кој го работиме во изминатиот период и со кој ќе продолжиме дека ќе го реализираме и ќе има позитивна одлука, рече Локвенец.

Моментно, потенцира тој, реалноста е дека приоритет во 2021 година заради роковите кои се дадени по ИПА2 програмата е потребата за трошење на средствата да ги почнеме процесите на градбата на пругата кон Бугарија. Исто толку приоритет , како што рече, се дава и на изградба на пругата кон Албанија, но главна пречка за реализација се забелешките од УНЕСКО за проектираната пруга во Албанија кај граничното место Лин кои, потенцираше, никако не смееме да ги тргнеме настрана. На иницијатива на премиерот Зоран Заев, информира дека се очекува да се одржи билатерална средба со Албанија на премиерско, министерско и директорско ниво заедно со учество на претставници од УНЕСКО.

Осврнувајќи се на состојбата на инфаструктурата, Локвенец посочи, дека црните точки се реалност во железничкиот сообраќај и се динамична вредност на дневно ниво, не само заради расипувањето на уредите, туку и заради кражбите што ги регистрираат.

Многу е важно, нагласи тој, што Македонски железници строго ги почитуваат правилата, прописите и нормите кои се предвидени за безбедност во железничкиот сообраќај.

– Како пример, ако железнички премин не работи, сигнализацијата на истиот, ако станува збор за патнички превоз тогаш обврска на кондукторот е да слезе, прво возот да застане пред патниот премин, кондуктерот да слезе, да го стопира сообраќајот на тој патен премин да помине возот, па после тоа да се качи на истиот. Ако станува збор за товарен сообраќај, тогаш вториот возач во локомотивата слегува и ја прави истата таа работа. Ве уверувам, водејќи сметка за важноста на животите на луѓето, за безбедноста на железничкиот сообраќај дека колегите од МЖ Инфраструктура целосно ги почитуваат и препораките и процедурите кои ги имаат по однос на безбедноста на железничкиот сообраќај, наведе Локвенец.

Модернизацијата на железничката инфраструктура, вели тој, е постојан процес кој никогаш не сопрел. Преку ИПА се одвива проект за обнова на 20 патни премини во државата на ниво на сигнализација и телекомуникации, а на 40 премини налето ќе биде направена реконструкција на горниот строј на пругата

Најболното прашање е обезбедување кадар, со оглед дека поголемиот дел од расположивиот е веќе пред пензионирање. Реална е потребата од вршители на дејност на пругата. Од вкупно вработените 80 проценти се вршители на дејност, 10 проценти администрација, а 10 проценти помошно технички персонал. Очекувам дека следниот период ќе имаме обновување на кадарот, посочи Локвенец.

Во однос на финансиската состојба, истакна дека во последниот квартал од 2020 година бројките се немилосрдни. – Тие покажуваат дека пред пресметка на амортизација МЖ Инфаструктура биле во добивка од 37 милиони денари, а по пресметана амортизација покажале загуба од 87 милиони евра што само по себе покажува дека самата амортизација која е книговодствена категорија е на ниво на 120 милиони денари, рече Локвенец.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 14:28