Иранските власти соопштија денеска дека пуштиле во употреба нови, модернизирани центрифуги што овозможува побрзо збогатување ураниум, чија употреба е забранета според одредбите на нуклеарниот договор на таа земја постигнат со светските сили во 2015 година.

Иранскиот претседател Хасан Рохани официјално отвори линија од 164 центрифуги IR-6 и друга линија од 30 центрифуги IR-5 инсталирани во нуклеарниот комплекс Натанз во централниот дел на државата.

Пуштањето во употреба беше организирано на онлајн церемонија што ја емитуваше државната телевизија. Телевизијата не прикажуваше слика на центрифугите, туку инженери во бели мантили, кои, откако добија наредба од Рохани, објавија дека центрифугите почнале да се напојуваат со ураниум.

Тоа беше објавено во време кога во Виена се водат преговори меѓу Иран и другите држави потписнички на договорот од 2015 година (Германија, Кина, Франција, Велика Британија и Русија) за тоа како повторно да ги вклучат САД кои се повлекоа од договорот во 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2021 13:36