Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Скопје-Охрид-Свети Наум, а во текот на вчерашниот ден (09.04) санкционирани се 295 возачи за возење со брзина поголема од дозволената, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Охрид.
- 18 возачи возеле со дури 70 километри на час над дозволената брзина, а 104 со брзина од над 50 километри на час над дозволеното. Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е дека имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). Покрај сообраќајните контроли, спроведуваме и превентивни акции со цел да ја зголемиме сообраќајната култура. Од минатиот месец заеднички со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја почнавме кампањата за користење на сигурносен појас, а во тек се и други превентивни активности“, рече Ангеловски.
Портпаролот Ангеловски најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.