Аферата „Мафија“ освен загрозување на визната либерализација, претставува дополнително нарушување на имиџот на Македонија во очите на Брисел и НАТО. Освен кривична одговорност за овој случај треба да има и политичка одговорност, а таа во моментов ја носи министерот за внатрешни работи бидејќи тој е одговорен за тоа што се случувало од 2017 до денес, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Филибастер“ на Радио Лидер.

Милошоски потенцира дека Спасовски во најмала рака од морални причини треба да си поднесе оставка.

- Постојат две причини зошто да си поднесе оставка. Едната е доколку знаел дека се случува ваква операција носи политичка одговорност, втората е заради друга ситуација е доколку Спасовски не знаел дека некој го пробил системот. Тоа значи дека неговата политичка одговорност е уште поголема, вели Милошоски.

Тој истакна дека покрај тоа граѓаните гледаат дека нивниот идентитет не заштитен и може да биде злоупотребен бидејќи еден Седат Пекер од Турција познат мафијаш или Валид Иса од Италија и други нарко босови добивале патни исправи со македонски идентитети.

- Дилемата е колку е безбеден македонскиот систем на издавање на патни исправи. Македонија ужива визна либерализација со ЕУ, врз основа на изградената доверба дека е добра граничната контрола и дека се заштитени патните исправи. Ако некој го пробие тој систем и тој е организирано пробиен од самата држава , вие не станувате партнер на ЕУ туку сива зона во која голем број на мафијаши наоѓаат свое прибежиште и да ги избегнат сите потерници по нив, нагласи Милошоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 22:14