Чешкиот автомобил „Шкода Кодијак“ се појави 2016 година, во повеќе од 60 земји, а до денес е произведен во над 600.000 примероци, вклучувајќи го и моделот со спортски изглед „Кодијак ГТ“, достапен исклучиво во Кина.
Возилото се продава во конфигурации со пет и седум седишта.
Говорејќи за новиот освежен модел, се работи за мали и површни, „козметички“ промени. На пр., капакот на моторот е редизајниран, има нова решетка на ладилникот, светлата се потенки и содржат ЛЕД технологија како додаток. Промените се и функционални, бидејќи „Кодијак“ сега е поаеродинамичен, благодарение на редизајнираните браници и новиот спојлер на покривот.
Во зависност од пакетот, обновениот теренец е достапен со тркала од 43 до 50 сантиметри.
Внатре, може да има, по избор – ергономски седишта тапацирани со перфорирана кожа, кои доаѓаат со функција за масажа, грејачи и електронско прилагодување. Некои пакети содржат и еколошки седишта од рециклиран материјал.
Продажбата на обновениот „Кодијак“ во Европа почнува во јули.