Бугарија да ја искористи ситуацијата со откажаните летови на руски туристи кон Турција поради зголемувањето на бројот на болни од Ковид-19 и брзо да им издаде визи на руските гости, побара најголемото здружение на хотели и ресторани во земјата.

Дописникот на МИА од Софија известува дека Здружението предупредува дека Министерството за надворешни работи на Бугарија треба да биде претпазливо со своите коментари за Русија.

„Не е добро време од економски аспект бугарското Министерство за надворешни работи да прави политика и да се обиде да покаже мускули преку остри изјави против Руската Федерација, бидејќи тоа е штетно за нашата економија. И без економија нема политика“, соопшти здружението.

Во последните години, бројот на руски туристи опаѓа, а состојбата со коронавирусот дополнително влијаеше на нивниот проток во Бугарија.

– ТУРЦИЈА Е ПОПУЛАРНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА РУСКИТЕ ТУРИСТИ И ЛОГИЧНО Е ТИЕ ДА БАРААТ УДОБНА АЛТЕРНАТИВА ЗА ВЕЌЕ ПЛАНИРАНИТЕ ОДМОРИ, КОМЕНТИРА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА БУГАРСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ХОТЕЛИ И РЕСТОРАНИ ГЕОРГИ ШТЕРЕВ.

Според него, неактивноста на бугарското Министерство за надворешни работи може да биде фатална за целиот туристички сектор во земјата. Неопходно е да се почне со издавање на влезни визи за руски туристи во Бугарија, затоа што ако земјата не успее да ја искористи ситуацијата, конкурентите од Кипар и Египет не спијат и веќе почнале да им издаваат визи на руските туристи. посочуваат од бугарското здружение.

Русија вчера соопшти дека од 15 април ќе ги прекине редовните и чартер летови кон Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2021 01:07