Пожар што вчера попладне избувнал во помошен објект на џамијата Сефер Баба во Виница направил материјална штета на инвентарот и внатрешноста, но нема повредени лица.

Во гаснењето на огнот интервенирала Територијалната противпожарна единица, која успеала за кратко време да го локализира и да спречи проширување на објектите во непосредна близина.

-Околу 17.30 часот добивме пријава дека има пожар во џамијата, по што упативме две противпожарни возила и шестмина пожарникари. На лице место е утврдено дека се работи за запален помошен објект – кујна, а по интервенцијата од околу два часа спречивме огнот да го зафати главниот објект на џамијата. Во огнената стихија целосно е изгорен мебелот и електричните уреди во внатрешноста, а материјалната штета дополнително ќе се утврдува, истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ од Виница.

Увид на местото на пожарот направи екипа од Полициската станица во Виница, а според првичиот наод најверојатна причина за пожарот е неисправен електричен уред во кујната.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2021 17:47