Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Предлог за издавање казнен налог против шест лица за кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Обвинетите, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, го сториле делото на 13 јануари, кога наспроти донесените мерки и прописи за спречување на ширењето на коронавирусот, се собрале во стан на улица „Иван Козаров“ за да прослават Стара Нова година – Василица.

– Иако со мерките и прописите во периодот од 18.12.2020 до 21.01.2021 година беа забранети секој вид масовни прослави на отворен и затворен простор, како и семејни собири со повеќе од 4 лица, обвинетите биле затекнати од полициски службеници при извршена проверка и контрола, се наведува во соопштението.

За нив јавниот обвинител му предложил на судот да определи парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра.

За истото кривично дело, Основното јавно обвинителство Скопје поднело предлог за издавање казнен налог и против шест други лица кои не го почитувале полицискиот час.

– Тие на 6 април, наспроти важечките прописи кои определуваат забрана за движење во временскиот период од 20 до 05 часот следниот ден, биле затекнати во група како се движат на улицата „Максут Садик“ во Скопје без да поседуваат дозвола за тоа, појаснуваа во соопштението од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

И за овие обвинети јавниот обвинител му предложи на Судот да определи парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да ја одреди на 20 евра во денарска противвредност.​​



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2021 13:26