Обвинителството поведе постапка за агентот за недвижности за кој пишуваше МИА, за продолжено кривично дело – Измама, при што за него ќе биде поднесен Предлог за определување мерки на претпазливост – обврска повремено да се јавува кај определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности, информираат од Основното јавно обвинителство – Скопје.

За лицето, МИА објави дека Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР, по наредба на надлежен обвинител од ОЈО, го лишила од слобода и е предадено на надлежна полициска станица за понатамошна постапка за потребите на истрагата за која ОЈО оформи предмет пред три дена, по пријавите на граѓаните.

Станува збор за случајот со агентот за недвижности во кој шестмина граѓани товарат агент за недвижности за измама со што велат дека при обид за купување на стан, се измамени за вкупна сума од 32 илјади евра, при што секој засебно, оставил капар од по неколку илјади евра.

Тоа го надополнува и соопштението на ОЈО, во кое стои дека во периодот од мај 2020 година, до март 2021 година, осомничениот во повеќе наврати, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, довел и држел во заблуда најмалку седум оштетени граѓани.

– Со намера за себе да прибави противправна имотна корист, тој како агент во својата агенција за недвижности лажно им прикажувал факти на оштетените дека е овластен од различни сопственици да ги продава нивните станови на други лица. Откако ќе ги огласел становите, ги покажувал пред потенцијалните купувачи, договарал продажба и наплаќал средства на име капар, но потоа не доаѓало до склучување купопродажен договор, а уплатените средства не ги враќал, стои во соопштението од ОЈО.

Од своите доброупатени извори, МИА, во меѓувреме дознава дека истиот агент, и од поодамна е товарен за измама при купопродажба на стан за кој уплатил капар во износ од близу три илјади евра.

МИА непосредно пред објавување на текстот дознава и дека агентот е исто така должен на блиско лице кое му било жирант и на кое поради тоа неодамна му бил одземен стан вреден околу 40 илјади евра.

Во истражувањето на случајот, МИА откри дека агентот на повеќе купувачи им земал капар за еден ист стан, притоа, двајца од купувачите платиле и данок за промет на недвижности за истиот стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје. Од Град Скопје за МИА во врска со овој случај изјавија дека поради тоа што е во истражна постапка сите дополнителни информации се во тајност.

Поради пресумпција на невиност и заштита на лични податоци, од приказната беа изоставени идентитетите. Од ОЈО велат дека постапката против осомничениот е во тек, се испитуваат лица и се обезбедуваат и други докази.​​ МИА, исто така, продолжува да го следи случајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2021 21:44