Тешко е повреден 29-годишен пешак од тетовско Блаце и уште четири лица во две сообраќајки кои се случиле вчера во Тетово и на локалниот пат Сиричино-Желино. Пешакот е повреден откако бил удрен од возило околу 18.30 часот на ул. „Илинденска" во Тетово.
-Патничко возило „мерцедес", со косовски национални ознаки, управувано од Е.М.(24) од Тетово, удрило во пешакот И.Г.(29) од село Блаце. Во незгодата пешакот се здобил со тешки телесни повреди констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Тетово, инфомира портпаролот Марјан Јосифоски.
На регионалниот пат Сиричино-Желино вчера околу 13 часот и 20 минути, патничко моторно возило „ровер" со тетовски регистарски ознаки, што го управувал 29-годишниот тетовец Ф.Р., изгубило контрола и излетало од коловозот.
-Притоа, четири сопатници во возилото на возраст од 22, 26, 38 и 53 години, сите од Тетово, со повреди биле пренесени во тетовската Клиничка болница за укажување на лекарска помош, информираат од СВР Тетово.
Во текот на вчерашниот дел при контрола на возачите за брзината на движење откриени и санкционирани се 107 возачи кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место. Од нив, 12 се движеле со поголема брзина од 70 километри на час од дозволената, 44 возачи (ТЕ-44 и ГВ-22) пречекориле до 70 километри. При контролата, исто така, биле санкционирани и 53 возачи кои ја пречекориле брзината во населено место, од кои 1 (ТЕ) за повеќе од 50 километри на час.