Телото на починатата стружанка што синоќа со нож ја уби сопругот, ќе биде дадено на обдукција, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга извршил увид во станот во Струга каде била лишена од живот жена на возраст од 34 години.

– Според првичните сознанија, по претходна меѓусебна расправија, сопругот и нанел неколку смртоносни убоди со нож на жената, а потоа се обидел да се самоубие. Настанот се случил во домот на нивни пријатели, каде сопружниците биле во посета, соопшти Јавното обвинителство.

Од местото на настанот, како што е наведено во информацијата, биле прибрани траги докази за вештачење, а ќе бидат испитани и сведоците на случувањата.

– По наредба на јавниот обвинител ќе биде извршена обдукција врз телото на починатата. Од лице место прибрани се траги и докази кои ќе бидат вештачени, меѓу кои и оружјето со кое било извршено кривичното дело. Заради утврдување на фактите, јавниот обвинител ќе ги испита и сведоците на настанот, појаснуваат од обвинителството.

По обидот за самоубиство, 39-годишниот осомничен е опериран и се наоѓа надвор од животна опасност.

Убиството се случило на улицата „Ристо Крле“ при расправија на сопружниците, С. Р. (1987) и Ј. Р. (1982) при што сопругот со повеќе убоди од нож ја усмртил пет години помладата партнерка, а потоа се обидел да се самоубие. Настанот во полиција бил пријавен во 19 часот и 15 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2021 12:24