Премиерот Зоран Заев денеска прими претставници на американската компанија за софтверско инженерство HTEC Group, а главниот оперативен директор на групацијата, Дејвид Шох, му претстави амбициозен план за инвестиции на компанијата во регионот, кој вклучува формирање центар за развој во Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, компанијата обезбедува повеќе услуги во софтверското инженерство, услуги за развој на производи во широк спектар на индустрии, како што се малопродажбата, логистиката, медицинската технологија, информатички услуги во финансискиот сектор и други.

– Ние веруваме дека со обезбедување уникатни можности за развој на кариера, конкурентни пакети за компензација и шанса да работиме со водечките глобални корпорации за врвни технологии, можеме да отвориме нови можноста за врвните млади таленти на Македонија и да им помогнеме на напорите на земјата во борбата против економска миграција на работна сила, рече Шох на средбата.

Премиерот Заев ја поздрави инвестицијата и на HTEC Group и го претстави пакетот на Владата за поддршка на странските инвеститори, дополнително истакнувајќи ја заложбата на Владата за зајакнување на ИТ-секторот во Македонија.

– Покрај постоечката поддршка, Владата ќе ја реализира мерката за постепено намалување на персоналниот данок во ИТ-индустријата и од сегашните 10 отсто да дојде до целосно укинување, односно до 0 отсто во 2023 година, рече премиерот Заев на средбата. Истакна дека се регистрирани позитивни трендови во економијата и дека полнењето на државната каса оди според планираното, а приходите се на повисоко ниво од преткризниот период од минатата година.

Во соопштението на Владата е наведено дека HTEC Group вработува над 800 инженери и, покрај канцелариите во САД, Велика Британија, Холандија, Шведска и Словенија, има развојни центри на четири локации во Србија и една во Босна и Херцеговина.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2021 23:12