Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Јажинце-Тетово-Гостивар-Дебар, а во текот на вчерашниот ден санкционирани се 234 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената, од кои 23 се движеле со брзина над 70 километри на час над дозволената брзина, а 111 со брзина над 50 километри на час над дозволената брзина.
Ова го изјави денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес конференција во Дебар.
Додаде дека засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, при што евидентно е дека има намалување на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат.
-Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто, посочи тој.
Според него покрај сообраќајните контроли, се реалзираат и превентивни акции со цел подигање на повисоко ниво на сообраќајната култура.
-Од минатиот месец заеднички со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот ја почнавме кампањата за користење на сигурносен појас, а во тек се и други превентивни активности, рече Ангеловски.
Најави продолжување на засилените контроли и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.