Сообраќајната полиција што работи во рамки на Секторот за внатрешни работи од Охрид вчера попладнето поднесе прекршочни пријави против 91 учесници во сообраќајот кои управувале моторно возило со брзина поголема од пропишаната.

Од казнетите возачи дури 59 возеле пребрзо во населено место.

Од СВР – Охрид појаснуваат дека согласно законските измени и членот 344 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради изминат рок на важност на возачки и сообраќајни документи од шест или повеќе месеци во периодот од 26 декември минатата година до 22-ри овој месец има одземено 16 возила од кои 15 нерегистрирани подолго од 6 месеци и едно возило упатено на проверка на техничка исправност.

Согласно новата легислатива ако биде утврдена техничка неисправност на возилото која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена. Полицијата ќе може на лице место да одзема регистарски таблички од возилата и да ги отстранува од сообраќај доколку постои сомневање за нивна техничка неисправност. Таквите возила може да бидат задржувани до 90 дена. Законот предвидува и трајно губење на возачката дозвола за возачи кои почесто се јавуваат како сторители на посериозни прекршоци во сообраќајот или на сообраќајни незгоди со потешки последици.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2021 23:34