Најголемата забава на отворено во Германија, минхенскиот Октоберфест, веројатно, ќе биде откажан и оваа година. Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер не верува дека оваа светски позната пивска манифестација ќе може да се одржи ни годинава.
– Јас минатата година цврсто верував дека ќе имаме Октоберфест оваа 2021 година. Но, надежта дека ќе се одржи, од недела во недела е сѐ помала, рече Рајтер за „Билд“.
Тој додава дека, ако се земат предвид сегашните мерки, Октоберфест не може да се одржи. – Каде и да погледнете во светот, пандемијата не стивнува, па засега е многу тешко да се замисли дека ќе се одржи „најголемиот фолк-фестивал“, истакна градоначалникот.
Според него, би било потребно масовна и побрза вакцинација за да се одржи Октоберфест. Сепак, и тогаш, најверојатно, нема да има масовни свечености.
Организаторот на Октоберфест, Клеменс Баумгартнер, исто така, смета дека, со обѕир на сегашната состојба, не би било можно безбедно одржување на фестивалот во септември, кога тоа е планирано.
– Небезбеден Октоберфест ќе му наштети на неговиот имиџ. Ние не сакаме да бидеме новиот Ишгл, рече Баумгартнер, алудирајќи на ски-центарот во Австрија, којшто стана познат низ целиот свет како огромно жариште на коронавирусот уште на почетокот на пандемијата