Во првите три месеци од 2021 година физичките напади се најчестите примери за нарушувања на јавниот ред и мир во тетовскиот регион, бележи евиденцијата на тетовската полиција, кадe и во текот на вчерашниот дел се бележат две такви пријави.

Половина час по полноќ, Х.З.(21) од Тетово во СВР Тетово пријавил дека дваесетина минути пред тоа пред неговиот дом на улица „Благоја Тоска" во Тетово бил физички нападнат од две лица. Претходно околу 20 часот и 10 минути, В.С. (32) од Тетово пријавил дека еден час пред тоа пред зградата во која живеел на улица „180" во Тетово бил физички нападнат од две лица, од кои едното го познавал.

– Во првото тримесечие од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово регистрирани се вкупно 52 нарушувања на јавниот ред и мир или четири проценти помалку во споредба со истиот период на минатата година. Најбројни – 25 се физичките напади, пет тепачки, а регистрирани се и 12 случаи на карање, дрско и непристојно однесување како и три случаи на агресивно однесување кон службено лице, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Најголемиот број од нарушувањата, односно прекршоците се целосно расчистени и заокружени со 67 барања за поведување на прекршочна постапка против 87 сторители.

– Во овој период не се пријавени прекршоци во училишта, а евидентирано е само еден случај на спортски натпревари. Најчесто место на случување и во периодот за кој станува збор се улицата и угостителските објекти во град, а биле извршени со поединечно учество на сторителите, најчесто од машки лица, додека само во 7 случаи биле инволвирани жени, објаснува порпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2021 23:48