По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против 47-годишен скопјанец, кој се товари дека сторил кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик, информираат од ОЈО Скопје.

– Обвинетиот, на 11 април, при влез во државава на граничниот премин „Блаце”, во патничкото моторно возило Бе-Ем-Ве со скопски регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана спакувана во полиетиленско ќесе со вкупна нето маса од 38,82 грама, пет таблети психотропна супстанција – 3,4 метилен диоксиметамфетамин и пластичен шприц со волумен од 10 милилитри со масло од хашиш, соопштија од скопското Обвинителство.

При претрес во непријавеното престојувалиште на осомничениот во Скопје, полицијата пронашла уште 2,68 грама марихуана и дробилка со остатоци од наркотична дрога.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи тој може да се даде во бегство или да го повтори делото.​



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2021 16:07