Одделението за внатрешни работи од Дебар поднесе кривична пријава против дебранец поради непочитување на полицискиот час.
-Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Д.М.(20) од Дебар. При контрола извршена на 13 овој месец во 22:20 часот, полициски службеници го затекнале пријавениот на улицата „Ибраим Колари“ во Дебар, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Тој, според него, не поседувал дозвола за движење во време на полициски час, со што пријавениот постапил спротивно на одлуката за забрана на движење на населението во времето од 22 до 5 часот со цел спречување на ширењето на Ковид-19.
Димоски информираше дека од воведувањето на полицискиот час констатирани се 17 прекршувања на забраната за движење за повеќе од нив веќе се поднесени кривични пријави.
Што се однесува до мерката за задолжително носење на заштитна маска, овој месец издадени се 117 прекршочни платни налози, од нив два во последното деноноќие.