Состојба на хипоскија, односно недостаток на кислород во мозокот е причина за бегството на 75-годишниот пациент од Пробиштип од штипската модулнарна болница, кој на 24 април на полноќ успеал сам ја отклучи вратата од задниот влез и на 50 метри во околната уличка починал.
Полицијата го пронајде по еден час, а обдукцијата покажа дека причина за смртта е тешката бронхопневмонија. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека извештајот од Комисијата за квалитет е пристигнат кај него и го доставил до надлежните институции, кои треба да утврдат дали има пропуст и одговорност кај здравствениот персонал.
– Меѓутоа морам да го кажам следното, најпрвин како човек да изразам сочувство на семејството на починатиот човек. Тоа е најважно и човечки во моментов, а втората работа е и да настапам малку и докторски. Јавноста мора да знае дека битката со овој вирус не е само терапијата и лекувањето. Ние имаме, сме имале и најверојатно ќе имаме и понатаму сериозни здравствени проблеми и од друг тип, којшто не се поврзани само со тешкотиите со дишењето, коагулацијата. Возраста, типот на овој вирус и хипоскијата мозочна,што ја имаат сите потешки случаеви, неретко и нееднаш имаме ситуации во кои пациентите се исклучително вознемирени, агресивни, дезорентирани. Тоа многу често ни се случува, сме имале случаеви, во којшто настрадувал и дел од инвентарот, па сме имале и неколку непријатни ситуации меѓу таков тип на пациенти и нашиот персонал, којшто завршувал и со физички контакти. Но, сето тоа е било во рамките на болеста, којашто за жал дава такви симптоми, вели Ѓеорѓијев.
Посочи како болница имаат обезбедување, но штипската Клиничка болница е од разбиен тип, во којашто има повеќе згради. Најави дека откако ќе се донесе заклучокот од страна на надлежните институции, јавноста ќе биде информирана.