Има неоткупен тутун во целата држава, не знаеме како ќе бидеме обесштетени со КОВИД-мерките, а на прагот на новата реколта сме без субвенции и ја почнавме на вересија, реагираат денеска четирите новоформирани тутунски здруженија.
Според координаторот на здруженијата, Игор Мирчески, производителите не се согласуваат со тоа што го кажал премиерот на собраниската говорница.
-Во целава држава останаа околу 1000 тони неоткупен тутун. И не само во Долненско и Прилепско. Годинава не се исплатени субвенциите во април. Новата реколта тутунарите првпат ја почнаа без субвенции, на вересија и со зголемени трошоци во просек за 30 отсто поради зголемените цени на нафтата, ѓубривата и на препаратите. Не знаеме на каков начин тутунарите ќе се исплатат од петтиот КОВИД-пакет. Не може да се достигне цена за тутунот од 185 денари, како што ни беше ветено и најавено, со по 10 денари од КОВИД-пакетот и со просечната цена од 159 денари за килограм, изјави Мирчески.
Новоформираните здруженија бараат во решавањето на состојбите активно да се вклучи и Сојузот на земјоделските здруженија.