Објавен е јавниот повик за финансиска поддршка за угостителите кои имаа целосна забрана за гости, соопштил вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната седница на Комисијата за јавно – приватен дијалог.

Битиќи, како што соопштија од Владата, истакнал дека јавниот повик е објавен денеска со што мерката три од шестиот пакет е операционализирана и на околу 6.000 компании кои вработуваат околу 17 илјади лица, им се стават на располагање 9,9 милиони евра. Станува збор за угостители регистрирани со шифра на приоритетна дејност 56.10, 56.29 и 56.30.

Аплицирањето, како што посочил, е многу едноставно и направено за да не се оптоваруваат компаниите со дополнителни административни обврски. Рокот за аплицирање е до 10 мај годинава.

– Сите компании кои се со приоритетни шифри на дејност 56.10, 56.29 и 56.30, без разлика дали вршеле промет со достава во периодот од 7-28 април 2021 година, ќе може да аплицираат за поддршка која ќе има две нивоа и притоа ќе може да добијат еднократна помош од 30 проценти од просечен месечен приход за годините 2019 и 2020, помножен со соодносот на денови кога им било ограничено работењето, како и еднократна помош од 15.200 денари по вработен, при што за пресек на вработени ќе се земе 6 април 2021 година, појаснил Битиќи.

Овие компании дополнително ќе може да ја искористат и поддршката за исплата на плати за февруари и март.

Според Битиќи, преку оваа мерка се стимулираат овие компании да го зголемат бројот на вработени до крајот на годината, бидејќи ако го сторат тоа, нема да имаат обврска да ги враќаат средствата добиени како поддршка, но, ако го намалат бројот на вработени, ќе треба да вратат 50 проценти од добиената поддршка, односно 20 проценти од поддршката, ако бројот на вработени остане непроменет со пресек на 31.12.2021 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими се осврнал на трите нови кредитни линии кои ќе бидат воспоставени преку Развојната банка, а се насочени кон медиумите, компаниите кои ја реинвестирале добивката и Ковид 4 кредитната линија во вкупна вредност од околу 13 милиони евра.

Најавил дека во следниот период ќе се интензивира процесот на измени на Законот за царински тарифи во насока на подигнување на конкуретноста на домашната економија.

Во делот на законот за работни односи, министерката за труд и социјална политика информирала дека нацрт-законот е на ЕНЕР и најавила дека сите коментари ќе бидат внимателно разгледани. Предлог-законот, како што стои во соопштението, повторно ќе биде разгледан со социјалните партнери пред неговото финално усвојување.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска соопшти дека сите активности поврзани со мерката за поддршка за исплата на плати се одвиваат непречено. За февруари одобрени се апликации од 11.541 компанија, кои вработуваат 31.294 лица, а за март одобрени се апликациите на 11.274 компании со 27.887 лица.

Државната секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ информирала дека во напредна фаза е формирањето на Комитетот за туризам, кој е барање од сите стопански комори и ќе треба на системски начин да креира политики и мерки за туризмот, како една од најпогодените гранки од пандемијата, за што сите членови на коморите изразија задоволство.

Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска Јанковски соопштила дека во Регистарот на вистински сопственици веќе се евидентирани околу 90 проценти од регистрираните субјекти, додека најголемиот дел од оние кои не се регистрирани, се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти или сметка во банка.

Состаноците на Комисијата за јавно-приватен дијалог се одвиваат редовно, најчесто во последната недела од месецот. На нив се дискутираат прашања и барања на коморите, како и активности кои се важни за подобрување на бизнис климата и побрз и одржлив економски развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2021 00:36