Во периодот од 2010 до 2019 година, Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил вкупно 699 ревизии. Најмногу во 2014година, дури 98, а најмалку во 2012 година, 50 ревизии, покажуваат резултатите од анализата на Центарот за граѓански комуникации.
Базата на податоци на сите извршени ревизии од страна на Државниот завод за ревизија од 2010 до 2019 година е изработена во отворен формат за да ја олесни натамошната употреба на извештаите во насока на засилување на јавниот притисок за законито и наменско користење на јавните пари. Од 699-те извршени ревизии, 513 се ревизии на регуларност, 165 на успешност и 21 ревизија на усогласеност.
При ревизијата на регуларност, ДЗР го изразува своето професионално мислење за тоа дали расходите и приходите во буџетот на субјектот на ревизија се прикажани вистинито и објективно во согласност со законската регулатива и дали активностите, финансиските трансакции и информациите вклучени во финансиските извештаи се во согласност со законската регулатива, упатствата и воспоставената пракса. Кај ревизијата на успешност ДЗР истражува и донесува заклучок дали одредени активности на субјектот на ревизија ги задоволуваат стандардите на економичност, ефикасност и ефективност, односно се оценува успешноста на одредена политика и оваа ревизија може да вклучи повеќе субјекти. Ревизијата на усогласеност претставува независно оценување дали даден предмет на ревизија е во согласност со применливите надлежности идентификувани како критериуми и со неа се оценува дали активностите, финансиските трансакции и информациите се усогласени, во сите материјални погледи, со надлежностите кои важат за субјектот на ревизија.
Предмет на ревизија на Државниот завод во овие десет години биле вкупно 406 субјекти. Најмногу ревизии, по 63 биле направени врз здравствени установи и единици на локална самоуправа.
Повеќе од една петтина од општините во државава не биле предмет на каква било ревизија од Државниот завод во последните десет години. Ниту една контрола не била направена кај точно 17 локални самоуправи.
Три општини, пак, (Градско, Делчево и Карбинци) во 2017 година биле само дел од ревизија на успешност во која се опфатени повеќе субјекти: „Преземање обврски и финансиска нестабилност кај единиците на локална самоуправа“.
Кај 63 општини и градот Скопје биле направени 89 ревизии од кои 86 поединечни и три ревизии во кои биле опфатени повеќе општини.
Сите 15 министерства биле предмет на ревизија во анализираниот период. Кај нив биле извршени вкупно 85 ревизии од кои 69 поединечни и 16ревизии на повеќе субјекти. ДЗР, најмногу, десет пати правел ревизија кај Министерството за животна средина и просторно планирање и тоа 6 самостојни ревизии и 4 ревизии во кои покрај министерството имало и друг субјект. Од овие 10 ревизии три биле на регуларност, а останатите седум на успешност. Најмалку ревизии, односно, само една ревизија на регуларност била направена кај Министерството за внатрешни работи во 2016 година.
17% од ревизиите биле извршени врз политички партии и коалиции. Дури 117 ревизии на усогласеност или регуларност биле направени на вкупно 56 партии и коалиции формирани за некои од изборите во државава.
Од 2010 до 2019 година предмет на ревизија биле 9 државни акционерски друштва. Кај нив биле направени 17 ревизии, од кои најмногу кај М-НАВ, четири ревизии.
36 ревизии, пак, биле направени кај 25 јавни претпријатија.
Предмет на ревизија во периодот од 2010 до 2019 година биле 23 агенции кај кои биле направени 41 ревизија. Секоја година, односно десет години по ред била правена ревизија врз Агенцијата за вработување и тоа секогаш ревизија на регуларност, освен во 2014 година кога била направена ревизија на успешност. Врз останатите агенции во изминатите десет години биле правени по една или две ревизии, со исклучок на Агенцијата за храна и ветеринарство кај која биле направени три ревизии и тоа две на успешност и една на регуларност.