Актери од струмичкиот театар „Антон Панов“, организирани во Иницијативата „Култура или фис-култура?“, денеска на кружен тек во центарот на Струмица одржа уште еден уметничко-протестен перформанс против решението на Министерството за култура за назначување на Васил Бубев за директор на НУЦК „Антон Панов“-Струмица и за, како што велат, игнорантскиот однос на институциите.

Како што рекоа, веќе четири месеци воделе битка со ветерници, а ресорното министерство прво им создало проблем, а потоа се прогласило за ненадлежно за решавање.

-На 26 февруари поднесовме претставка до Државната комисија за спречување на корупција, за која до ден денес немаме разрешница. Затоа, упатуваме прашање до претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска: во која фаза се наоѓа нашата претставка и кога ќе има финален став? Истото прашање го упатуваме и до претседателот на Управниот суд, судијата Бурим Сејдини, како и до Основното јавно обвинителство во Струмица, по повод нашата пријава во која се сомневаме дека сегашниот директор ја злоупотребил својата службена должност и овластување, рече актерот Бранко Бенинов.

Инаку, досега Иницијативата „Култура или фис-култура?“ протестираше во повеќе наврати пред ресорното министерство во Скопје, како и во Струмица против именувањето на директорот на НУЦК „Антон Панов“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2021 16:14