Приватната ракетна компанија на милијардерот Џеф Безос, „Блу ориџин“ соопшти дека постојната највисока понуда за место во вселенското туристичко летало „Њу Шепард“ е 2,4 милиони долари, постигната во вториот круг од аукцијата.

Ракетата со капсула „Њу Шепард“ е дизајнирана за самоуправувачки превоз на шест патници на височина од над 100 километри над површината на Земјата. Компанијата соопшти дека примила повеќе од 5.200 понуди од 136 различни земји во првиот круг на наддавањето, чија најголема понуда не беше објавена, сѐ додека не заврши рундата.

Вториот круг започна со почетна понуда од 1,4 милиони долари, според податоците на интернет-страната на „Блу ориџин“. Процесот ќе заврши со последната фаза, на 12 јуни, со интернет-аукција во живо.

Ракетната компанија го одбра 20 јули за првиот свој туристички суборбитален лет. Ова претставува нова ера на приватни комерцијални патувања во Вселената. Според првичните податоци, „Блу ориџин“ планираше да наплаќа најмалку 200.000 американски долари за билет, што се засноваше на проценка на плановите на ривалскиот милијардер Ричард Бренсон и неговата компанија „Вирџин“. Но, се чини, тоа се променило во меѓувреме.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2021 13:24