Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги склучи Меморандум за соработка со Регулаторното тело за вода на Албанија.

Како што соопштија од РКЕ, размена на искуства, информации и практики од регулирањето на водните услуги и управување со системите за отпадни води се дел од точките за кои Марко Бислимоски, претседателот на РКЕ и Ндричим Шани претседателот на Регулаторното тело за води на Албанија се обврзаа и на формална соработка со потпишување на меморандумот.

Регулаторите се сложиле дека правото на пристап до вода е основно човеково право на секој граѓанин и тие како регулатори мора да гарантираат вода безбедна и достапна за граѓаните во рамките на нивниот капацитет и надлежности.

– Размената на искуство од начинот на формирање на крајната цена на водата за потрошувачите како и размената на информации се од непроценлива важност во нашето делување, затоа што ни претстои период во кој иницираме во целост да ја преземе надлежноста за формирање на цената на водата. Но во исто време очекуваме и проширување на надлежноста во делот со управување на отпад и секое искуство од колегите е значајно и од помош. Во исто време се ставаме и на располагање да го понудиме искуството во спроведување на реформските прописи согласно правилата од Енергетската заедница. Генерално, секоја соработка меѓу две земји ги олеснува процесите во кои европските пракси побрзо стануваат оперативни, посочи Бислимоски.

Регулаторни прашања и пристапот на кој истите се решаваат, посочуваат од РКЕ, се темите на кои во претстојниот период ќе работат двете регулаторни тела со цел да обезбедат квалитет во спроведувањето на економската регулација на услугите за водоснабдување и канализација.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2021 12:40