Во дворот на кинотечното летно кино „Мирно лето“, денеска на режисерот Коле Манев и на монтажерот Спасе Тасевски ќе им бидат врачени годинешните награди „Златен објектив“, признанија кои Кинотеката на Република Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден.

Манев и Тасевски ќе добијат пригодни плакети и значки стилизирани во духот на кинотечните вредности.

По повод својот роденден, односно датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април 1974 година – оваа институција го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

„Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, соопштија од Кинотеката.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2021 10:50