Со официјално затворање на обуката за развој на деловни вештини и претприемништво „Проектот Лидер“ што е организирана од Македонија 2025 и Ајви бизнис школата (Ivey School of Business) на Западниот универзитет во Канада, вчера заврши дванаесеттото издание на обуката за развој на бизнис и претприемништво која е целосно бесплатна, каде по комплетирањето на финалните презентации, учесниците се стекнаа со сертификат од реномираната канадска школа.

Никогаш не е вистинско време да се започне нов бизнис, порача на затворањето на обуката директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров. Според него, претприемачите треба јасно да гo дефинираат својот бренд, и да се опкружат со вистински луѓе.

-Исто така, многу е важно за еден претприемач постојано да учи и да се надоградува. Ковид-19 кризата не’ научи дека треба брзо да се прилагодуваме, истакна Петров.

Како што информираа организаторите, обуката вклучуваше интерактивно учество и примена на студии на случај кои ги подготвија учесниците за најважните работи во бизнисот, како што се развивање на деловна стратегија, воведување на нови производи, брендирање на производ, финансирање, претварање на идеја во одржлив бизнис и др.

На официјалното затварање, учесниците на обуката ги презентираа своите бизнис идеи, кои беа оценувани од стручно жири составено од истакнати членови на бизнис заедницата.

Добитниците на натпреварот ќе добијат безплатна консултантска поддршка од канадски експерти, преку програмата за претприемачи-Битов, реализирана од Македонија2025 во соработка со CESO (Canadian Executive Service Organization). Дополнително, како награда Македонија2025 им обезбедува и бесплатно користење на платформата Connect2МК, која има за цел да ги поврзе македонските бизниси со соодветни експерти од дијаспората, кои нудат можности за менторство, партнерство и отворање на можности за инвестирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2021 15:34