Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко во петок ќе ја посети Русија, каде ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

– Во тек се подготовки за таква работна посета на Лукашенко. Тоа ќе биде разговор меѓу двајцата претседатели, кој, како што беше планирано, ќе продолжи за време на работен ручек, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека не се планирани изјави за медиуми.

Песков претходно изјави дека средбата меѓу Путин и Лукашенко е планирана пред инцидентот со авионот на Рајанер кој Минск го приземји поради наводна закана за бомба.

Меѓу патниците беше и Роман Проташевич, еден од основачите на каналот „Некст Телеграм“, кој во Белорусија се смета за екстремист и кој по слетувањето на авионот беше приведен во Минск.

Поради овој настан, лидерите на ЕУ најавија нови санкции против Белорусија.

Авионот потоа го продолжи своето патување кон Вилнус.

Песков рече дека Лукашенко ќе има можност детално да го информира Путин за околностите на инцидентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/05/2021 15:43