Режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски се добитници на годинашните „Златни објективи“. Манев и Тасевски добија пригодни плакети и стилизирани значки, а доделувањето се одржа вчера во дворот на на кинотечното летно кино „Мирно лето“.

-Признанието „Златен објектив“ на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Управниот одбор на Кинотека, во состав Томислав Османли – претседател, Љупчо Коскаров, Влатко Галевски, Атанас Чупоски и Арсим Лесковица, ги избраа Коле Манев и Спасе Тасевски за годинешни добитници на признанието „Златен објектив“. Овие признанија Кинотеката на Р Македонија ги доделува секоја година по повод својот роденден, датумот на донесување на Законот за основање на Кинотеката на Македонија – 29 април, 1974 година, соопштенија од Кинотека на РМ.

На присутните гости и филмофили со поздравен говор им се обрати д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката. Чупоски презентира био-филмографија на годинешните лауреати Манев и Тасевски, од нивните први чекори во филмска професија и уметност, па сè до најзначајните остварувања.

-Манев и Спасевски со голема љубов беа посветени на својата професија. Манев го докажува тоа со неговиот краток игран филм ЕКОСКОП, реализиран минатата 2020 година. А ниту Спасевски не мирува: сè уште ја подгрева идејата да ја измонтира интегралната верзија на филмот ЈАД (1975) на Кирил Ценевски (каде што бил прв асистент на монтажерот Вангел Лаки Ченчев) во траење од 3,5 часа, потенцира Чупоски.

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов потсети на клучните датуми за формирањето и институционалното форматирање на Кинотеката – 30 март 1974, кога Претседателот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија Никола Минчев го потпишал буџетот на Кинотеката, и на 24 април, кога Собранието на СРМ го донесол законот за основање на Кинотека на СРМ, со кој Кинотеката прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјал од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење; објавувањето на овој закон во Службен весник на 29 април, 1974 година се слави како роденден на Кинотеката.

Коле Манев, заблагодарувајќи се на признанието, посочи дека наградите говорат за нивните добитници, колку тие се споделена вредност и во нивните соработници од филмските и телевизиски проекти. Спасе Тасевски се придружи и ја потенцираше забелешката на Манев за колективната заслуга и вредност на филмот и телевизијата.

Во чест на лауреатите беше прикажан ТВ филмот МОСТ на Коле Манев.

Спасе Тасевски е роден 1945, работел паралелно и на телевизиски и на филмски проекти. Од 1965 работи во РТВ Скопје (МРТВ), прво како асистент-монтажер, потоа како главен монтажер на телевизиската програма и три децении бил раководител на секторот монтажа. Истовремено работи и на филмски проекти, играни, документарни и анимирани филмови во продукција на „Вардар филм“.

Коле Манев роден е во 1941, поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник и спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но е и долгогодишен телевизиски и филмски автор на проекти во Радиотелевизија Скопје и „Вардар филм“,Студирал на ликовната академија во Белград, усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага.

Инаку, „Златниот објектив“ се доделува од 2006 година, а досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Мето Петровски, актерот и режисер Коле Ангеловски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2021 12:18