Како се рефлектираше пандемијата Ковид – 19 врз електроенергетските системи и какви мерки презедоа регулаторите од Европа за да го заштитат потрошувачите се дел од темите на третиот трилатерален состанок организиран од Советот на европски регулатори на енергија (CЕЕR), Одборот на регулатори на Енергетската заедница (ECRB) и Здружението на медитерански регулатори на енергија (MEDREG) .

Како што информираат од Комисија за енергетика и водни услуги, регулаторите се сложиле дека во изминатиот период поради концентрираната работа од дома кај потрошувачите има зголемен интерес за нивните права кога станува збор за квалитетот на испорачаната енергија и понудената услуга од снабдувачите.

-Заштитата на потрошувачите е главната цел кон која се насочени сите активности во Одборот на регулатори на Енергетската заедница, посочува Бислимоски кој во улога на претседател на Одборот учествувал на состанокот.

Заклучил дека фер договори за потрошувачите и обезбедување на висок стандард во квалитетот на снабдување се правила кои мора да се гарантираат и за кои не смее да има отстапување.

-Како регулатори, нашата главна цел е да обезбедиме либерализација и енергетска транзиција што подразбира замена на фосилните горива со обновливи извори на енергија и тоа е за доброто на граѓаните. Имплементацијата на таканаречениот Пакет на регулатива за зелена енергија претставува предизвик за нас. Имаме за цел да ги мотивираме потрошувачите активно да се ангажираат и да бидат запознаени со процесите и новите технологии со кои ќе им се овозможи флексибилност при употребата на достапните системи, изјавил Бислимоски.

Осврнувајќи се на годината што ја одбележа пандемијата на состанокот било посочено дека дигитализацијата се покажала како успешен мост кој значително ја заменил физичката наплата и обезбедил да не се загрози ликвидноста на енергетските компании

Од Комисијата дополнително соопштуваат дека во текот на денешниот ден европските и медитеранските регулатори продолжуваат со дискусија и ќе се однесува на креирањето на механизми заради поттикнување поголемо учество на потрошувачите на пазарите.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2021 13:41