Полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Национална единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и Одделот за криминалистичка полиција сузбија криминална група од Тајван што вршела телекомуникациски измами и трудова експлоатација на државјани на Тајван, при што се приведени девет лица-државјани на Тајван.

Криминалната група функционирала во повеќе земји и по првичните оперативни информации за нејзино присуство на наша територија, во координација со полицијата на Тајван и Интерпол веднаш е пристапено кон преземање мерки за детектирање и нејзино сузбивање.

Имено, млади луѓе од Тајван биле регрутирани од страна на т.н. „синдикати“ за да работат во странство. Повеќето од младите не ги знаат сите детали за работата која треба да ја вршат се додека не стигнат до крајната дестинација. По пристигнувањето тие се физички ограничени во куќата, т.н. „кол центар за телефонски измами“ и немаат пристап до нивните пасоши и мобилни телефони. Тие се принудени да работат со часови без да им бидат исплаќани надоместоци или плати. Жртвите биле тепани доколку не ги почитуваат наредбите. Т.н. „синдикати“, користат брз интернет за воспоставување меѓународни разговори. Телефонските оператори од прво ниво се претставуваат лажно дека се службеници во банка или поштенска служба или службеници за осигурување. Следно, операторите од второ ниво лажно се претставуваат како полициски службеници за да приберат целосни лични податоци и бараат доказ за извршена уплата за некаква казна. Конечно, жртвите се префрлани во „трето ниво“, каде операторите им се претставуваат како обвинител или судија и ги убедуваат жртвите дека ќе бидат соочени со тешки обвиненија доколку не соработуваат и доколку не ги префрлат парите на назначените сметки со цел намалување на казната или ослободување од казна.

Во координација со ОЈО за ГОКК-Скопје и добиена наредба од судија на претходна постапка, на 07.05.2021 извршени се претреси на две локации во населба Бардовци, Скопје. На првата локација затекнати и приведени се шест членови на криминалната група, како и 25 жртви (сите државјани на Тајван), а на втората локација еден член на криминалната група и 10 жртви (сите државјани на Тајван). Дополнително, детектирани се уште две лица од криминалната група, кои биле сместени во хотел во Скопје, како и уште четири лица-жртви, кои биле сместени во друг хотел во Скопје. Вкупно иднетификувани се 39 жртви на трудова експлоатација.

По добиени насоки од јавен обвинител, сите обезбедени материјални докази ќе бидат предадени на надлежните служби за спроведување на законот од Тајван, заедно со идентификуваните жртви и лицата идентификувани како членови на меѓународната криминална група, за нивно натамошно процесуирање во Тајван, каде се обвинети за повеќе кривични дела.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2021 14:28